Се одржа е-Општество.мк: Слобода и приватност на интернет

На 10 декември во Хотел Холидеј Ин во Скопје се одржа единаесеттата меѓународна конференција е-Општество.мк на тема: „Слобода и приватност на интернет“. Конференцијата ја проследија над 200 присутни гости, претставници од јавниот, приватниот и невладиниот сектор.

Конференцијата ја отвори амбасадорката на Франција во Македонија, Н.Е. г-а Лоранс Оер, која нагласи дека во периодот пред избори медиумите треба да информираат објективно и да се чувстуваат супериорно во однос на политичките партии.

Конференцијата е во рамки на проектот „Децентрализирана соработка помеѓу регионот Долна Нормандија и Република Македонија“, а во соработка со Меѓународниот институт за човекови права и мир од Каен и претставува продолжување на долгогодишната соработка на Метаморфозис и регионот Долна Нормандија во областа на човековите права. Како резултат на соработката на нашето здружение со фондацијата Метаморфозис и Меѓународниот институт за човекови права и мир од Каен, бевме поканети да ги споделиме нашите искуства, при штп нашата членка Марина Танасоска одржа презентација на тема Образование за човекови права – споделување најдобри практики.

Во сесијата на тема: Човековите права како основа на современото општество, своите искуства ги споделија Себастјан Ботро-Бонтер, експерт за човекови права, аташе за соработка во амбасадата на Република Франција, Силва Пешиќ, советник за човекови права, Канцеларија на постојаниот координатор на ОН, Кетрин-Амели Шасан, генерален секретар на Меѓународниот институт за човекови права и мир и Уранија Пировска, Македонски Хелсиншки комитет. Во оваа сесија се дискутираа примери и искуства од Франција и Македонија, механизмите и насоките во кои треба да се развиваа легислативата, но и свеста кај луѓето.

Во сесијата на тема: Приватност, Џилијан Јорк од EFF – Electronic Frontier Foundation и IFEX, Лилјана Пецова – Илиеска од Дирекција за заштита на личните податоци, Андреј Петровски од Share Defense и Елена Стојановска, експерт за приватност, дискутираа за развојот на оваа тема, предизвиците во заштитата на приватноста, разните проекти, истражувања и активности.

Во последната сесија посветена на Слобода на изразување, говорници беа Мирче Адамчевски од Советот за етика во медиумите на Македонија, Тихомир Лоза од SEENPM – Мрежа за професионализација на медиумите од Југоисточна Европа и IFEX, Борјана Џамбазова од Асоцијацијата на европски новинари – Бугарија и Дејан Георгиевски, претседател на Центарот за развој на медиуми. Тие дискутираа за слободата на изразување во медиумите, регулаторните тела, разните предизвици со кои се соочуваат медиумите, слободата на изразување наспроти говорот на омраза итн.

Вториот дел од конференцијата беше поделен на 4 работилници кои се случуваа истовремено, а опфатија теми како: Образование за човекови права – споделување најдобри практики; алатки кои ги зголемуваат безбедноста и приватноста на интернет; новинарските стандарди и човековите права, вклучително борба против говорот на омраза;  и човекови права и избори + други прашања од областа на човековите права. За време на овие работилници учесниците имаа можност да проследат презентации на темите, да поставуваат прашања, да дискутираат и да разменуваат искуства.

Целосниот видео-запис од конференцијата е достапен на каналот на Метаморфозис на Јутјуб.

Галеријата со фотографии од настанот може да ја погледнете на Фејсбук и на Фликр.

Преземено од metamorphosis.org.mk/aktivnosti

Leave A Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *