Ристовски се сретна со македонската наставничка Богдановиќ, една од најдобрите во светот

Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски, денеска се сретна со Весела Богдановиќ, одделенски наставник во основното училиште „Кочо Рацин“ од село Ивањевци, општина Могила, член на Пријатели на образованието.

Богдановиќ влезе во изборот меѓу педесетте најдобри наставници, во конкуренција од илјадници просветни работници од повеќе од 150 земји од светот. Станува збор за избор кој го организира “Varkey gems fondation”, чиј претседавач е поранешниот американски претседател Бил Клинтон. Натпреварот меѓу најдобрите продолжува се до изборот на најдобриот наставник кој ќе ја освои титулата Global Teacher Prize, а со тоа и наградата од еден милион долари.

На средбата со Ристовски, Богдановиќ зборуваше за своето искуство како наставник, како и за наставните методите кои ги применува за време на часовите, а кои се компатибилни со новите наставни програми и учебници изработени од Меѓународниот центар за наставни програми на Кембриџ. Таа истакна дека во текот на наставата користи интерактивни техники кои наликуваат на игра, преку кои учениците многу лесно ги совладуваат наставните содржини. Сето тоа е содржано во нејзините 200 едукативни филмови и работни листови, со кои наставничката од Могила конкурирала на изборот за најдобар наставник во светот.

Ристовски истакна дека Богдановиќ е пример кој треба да го следат и другите наставници во нашата држава. Таа е доказ дека и во нашата земја има креативни наставници, кои со љубов ја работат својата работа и кои безрезервно се посветуваат на образованието и воспитанието на своите ученици.

Заменик министерот за образование и наука и се заблагодари на наставничката Богдановиќ што ја претставува нашата држава на најдобар начин, посакувајќи и успех во понатамошното натпреварување.

Leave A Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *