Работилница – Презентација на концептот на Scientix проектот и дискусија за СТЕМ образованието во Македонија, со посебен осврт на имплементирање на кодирањето во основното училиште –моментална состојба и перспективи

На 15 и 16.12.2017 година во х. Гарденија, Велес се реализираше работилница на тема: Презентација на концептот на Scientix проектот и дискусија за СТЕМ образованието во Македонија, со посебен осврт на имплементирање на кодирањето во основното училиште –моментална состојба и перспективи.

Работилницата беше наменета за наставници, образовни лидери и креатори на образовни политики и на истата беше опфатена улогата, поддршката и ресурсите обезбедени од страна на Scientix проектот, како глобална иновација во образованието, која промовира и поддржува соработка помеѓу СТЕМ наставниците и останатите СТЕМ професионалци ширум Европа. 

Дали иновациите на полето на СТЕМ образованието кај нас како – измени во наставните програми, користење на различни методолошки приоди и иновативно користење на ИКТ во наставата, резултираат со подигнување на интересот и мотивацијата на учениците за изучување на СТЕМ областите? се само дел од прашањата на кои беше дискутирано за СТЕМ образованието во Македонија.

Посебен осврт беше направен на имплементирањето на кодирање во основното училиште – моменталната состојба и перспективите за зголемување на квалитетот на наставата, интересот, мотивацијата и постигнувањата на учениците. На работилницата беа дискутирани состојбите во однос на воведување на програмирањето во основните училишта од пониските одделенија, предизвиците и потешкотиите со кои се соочуваат наставниците, соодветноста на наставниот кадар, постоењето на квалитетни ресурси, потребата на програмирањето да се гледа како развој на логичко размислување кај учениците, користењето на едукативните игри во наставниот процес итн.

Присутните беа задоволни од реализираната работилница бидејќи за да може да се направат квалитетни промени во воспитно образовниот процес потребно е да работат заедно сите инволвирани страни: наставници, директори и надлежни институции. Имаше различни мислења за тоа како кодирањето да се имплементира во наставниот процес, но повеќето учесници се согласија дека придобивките од воведување на програмирање се огромни за развивање на вештини на 21от век и истото треба да се прави постепено во текот на образованието, започнувајќи од развој на логичко размислување преку игра во пониските одделенија до понапредно програмирање во одреден програмски јазик во повисоките одделенија.

Leave A Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *